Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната своја седница донесе одлука да му се изрече суспензија во траење од две години на ОФС Кичево, поради грубо кршење на одредбите од Статутот на ФФМ.
За време на суспензијата, како што информираат од ФФМ, на ОФС Кичево му мируваат правата од членство, вклучително и учеството на делегатите од ОФС Кичево на Собранието на ФФМ.
Членовите на суспендираната членка нема да трпат спортски последици. Фудбалските клубови, членки на ОФС Кичево, продолжуваат со натпреварување во истиот ранг на тековното првенство, а во сезоната 2026/27 во рангот каде оствариле пласман.
Фудбалските судии и контролори, членови на ОФС Кичево продолжуваат со активно вршење на функцијата на листите каде се наоѓаат согласно правилата за судии и судење. Комисијата за регистрација на ОФС Гостивар е задолжена до носење на наредна одлука да ги извршува сите активности за клубовите и фудбалерите членови на ОФС Кичево.
Покрај останатото, УО на ФФМ донесе и одлука за именување на Светозар Станковски, член на УО на ФФМ и поранешен репрезентативец, за нов претседател на Комисијата за натпреварување, на местото на Васко Дојчиновски.
„Управниот одбор изразува благодарност кон Васко Дојчиновски за досегашната работа и посветеност“ – соопштија од ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

