Урош Борзаш: Дуелот со ПСЖ утре нека биде празник за цела Битола

Ракометарите на Е. Пелистер ги очекува последниот натпревар од Лигата на шампионите во која и оваа година не успеаја да обезбедат место во следната елиминациска фаза во најквалитетното европско клупско натпреварување.

Но, дуелот со францускиот гигант ПСЖ утре во Битола е меч за престиж и ново себедокажување на „зелените“ кои посакуваат успешен крај на европската сезона. Српскиот бек, Урош Борзаш, вели дека дуелот со ПСЖ треба да биде празник за битолчани.

„Оставаме зад нас тежок период. Мислам дека бевме добри, ги победивме важните натпревари против Алкалоид, Охрид и Динамо Букурешт. За жал се испостави дека нема да ја поминеме групата во Лигата на шампионите. Дуелот против ПСЖ в четврток е празник за луѓето во Битола, бидејќи ни доаѓа една од најдобрите светски екипи. Треба да се покажеме во вистинско светло, да дадеме максимум како и на сите натпревари досега и да се обидеме да победиме. Знаеме дека ПСЖ ќе дојде мотивиран во Битола, бидејќи важно им е да завршат второпласирани во групата и директно да се пласираат во четвртфинале. Ќе дојдат во најсилен состав и со мотив да победат“ – вели Борзаш и дополнува:

„Последните натпревари против ПСЖ покажаа дека добро играме против овој тим. Одигравме храбро и не го респектиравме ривалот на првиот дуел сезонава. Така треба да бидеме и в четврток и да ги искористиме нашите шанси и нивните слаби страни. Сакам да се заблагодарам на атмосферата во Лигата на шампионите оваа сезона. Навистина ги имаме најдобрите навивачи во Европа, салата е веќе распродадена в четврток и верувам дека фановите пак ќе бидат со нас“.

Натпреварот меѓу македонскиот и францускиот шампион се игра утре (четврток), со почеток од 20:45 часот во Битола.

Се вчитува...