Уругваецот Појет ќе ја води фудбалската репрезентација на Грција

Грција го именуваше новиот селектор на фудбалската репрезентација, а изборот падна врз поранешниот уругвајски репрезентативец Густаво Појет. Тој доаѓа на чело на грчкиот национален тим на местото на холандскиот стратег Џон ван Шип, кој самиот си поднесе оставка по неуспехот во квалификациите за СП 2022.

Ангажманот како селектор на Грција значи и камбек на Појет на фудбалската сцена кај јужниот сосед, откако Уругваецот во сезоната 2015/16 го водеше тимот на АЕК, со кој стигна до третото место во грчкиот шампионат. Уругваецот како тренер работеше и во Брајтон, Сандерсленд, Бетис, Бордо, Шангај Шенхуа и во чилеанскиот прволигаш Универзидад Католика, но никаде немаше преголем успех.

„Доаѓам во прекрасна земја со богата историја и со пријателски народ. Кога ме контактираа од федерацијата, ми беше чест бидејќи ќе бидам селектор на репрезентацијата што беше европски првак во 2004 година“, изјави Појет.

Договорот на новиот селектор со грчката фудбалска федерација е со важност до крајот на 2023 година.

Се вчитува...