Уште две трки во календарот: Муџело дебитира во Формула 1

Формула 1 објави дека се додадени уште две нови трки во календарот за 2020 година. Една од нив е дебито на патеката Муџело во Италија со која ќе биде одбележана 1.000 трка на Ферари. Ова натпреварување е закажано за викендот 11-13 септември,  една седмица по трката во Монца.

Потврденo е и одржувањето на рускотo гран-при кое ќе биде во првично предвидениот термин, 25-27 септември. Досега Ф1 има календар од 10 трки, а е во обид да оформи календар во која ќе има од 15 до 18 натпреварувања, а крајот на сезоната би бил во декември.

„Пресреќни сме да соопштиме дека трките во Муцело и во Сочи ќе бидат дел од календарот за сезоната 2020. Имавме одличен почеток на првенството во Австрија минатиот викенд и се сме посигурни во реализацијата на нашите планови за оваа сезона“ – изјави претседателот на Ф1, Чејс Кери.

Од Формула 1 најавуваат нови трки во календарот за оваа сезона, а се очекува објавата да биде во следните недели.

 

 

Се вчитува...