Атлетико Мадрид осигура уште едно важно засилување за наредната сезона откако постигна договор за трансферот на Тијаго Алмада, 24-годишниот аргентински репрезентативец кој ќе заигра крај сонародникот Хулијан Алварез во тимот предводен од аргентинскиот стратег Диего Симеоне.
Станува збор за одличен играч кој беспрекорно се снаоѓа по крилните напаѓачки позиции, но и веднаш зад „деветката“ во тимот, па Симеоне неслучајно инсистираше на неговото доаѓање на „Ванда Метрополитано“. Алмада беше под договор со Ботафого, од каде ланската сезона ја мина на позајмица во Лион.
Францускиот тим поради финансиските проблеми не можеше да го задржи во своите редови, Бенфика покажа сериозен интерес, но не постигна целосен договор со бразилскиот тим, нешто што им појде од рака на челниците на Атлетико, кои вечерва и официјално го потврдија трансферот.
Алмада е проценет на 40 милиони евра од Ботафого, a мадридскиот клуб нема целосно да го откупи, туку ќе плати 21 милион евра за 50% од вкупните права врз Аргентинецот кој по лекарските прегледи ќе потпише договор на три години со мадридскиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

