Кингсли Коман со два гола беше најзаслужен за победата на Баерн против Аугсбург, но крилниот офанзивец скапо го плати овој триумф откако заработи незгодна повреда во самиот финиш. Коман остана да лежи на теренот во последните минути и не можеше да го доврши мечот, па бидејќи тренерот Ковач веќе ги имаше извршено сите замени, Баерн синоќешниот натпревар го доигра со фудбалер помалку.
Со оглед на фактот дека станува збор за проблем со скочниот зглоб на леватата нога, што е хронична повреда на Коман, минимални се шансите тој да биде оспособен за настап за дуелот во вторник против Ливерпул.
„Не изгледа добро, тоа е се што можам да кажам во моментов. Ќе видиме што ќе кажат лекарите, секако дека ќе биде голем удар за нас ако Коман не може да настапи во Ливерпул“ – истакна Ковач по завршувањето на синоќешниот натпревар.
Само за потсетување, Арјен Робен исто така нема да биде способен за настап против „црвените“, а двомечот со англискиот гигант ќе го пропушти и Томас Милер, поради суспензија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА