Белград е многу блиску до повторно добивање на организацијата на фајналфор турнир во Евролигата, откако српскиот главен град остана како еден од двата финалисти во трката за домаќин на овој голем спортски настан.
Барселона долго време важеше за фаворит, но каталонската престолнина денеска и официјално ја повлече својата кандидатура, оставајќи ги Белград и Дубаи како два преостанати кандидати за организација на Ф-4 од новата сезона што ќе стартува на почетокот од следниот месец.
Дубаи звучи поатрактивно, но челниците на Евролигата стравуваат дека и покрај огромните пари од ОАЕ, недостигот на искуство за организација на ваков настан, како и ретерирањето на идејата на клубот од Дубаи за учество во Еврокупот сезонава, се факторите поради кои преселбата на овој фајналфор турнир надвор од Европа не е најреална опција за следниот мај.
Од друга страна, Белград веќе се покажа како беспрекорен домаќин во 2019 година и во 2022 година, што дава сигурност за нов спектакл меѓу раководството на Евролигата.
Конечната одлука ќе биде донесена наскоро, но големи се шансите овој спортски спектакл повторно да биде организиран во главниот град на нашиот северен сосед…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА