Уште еден кошмар за Њукасл пред клучната битка за трофеј

Њукасл се надева на освојување на трофеј во англискиот лига-куп откако „црно-белите“ се пласираа во големото финале во кое на 16 март за противник ќе го имаат Ливерпул.

Лидерот во Премиер-лигата секако ќе ја има фаворитската улога, а шансите на Њукасл дополнително се намалуваат откако Еди Хау се здоби со сериозни проблеми околу составот, и тоа на петнаесетина дена пред големото финале.

Главоболките почнаа со црвениот картон што Ентони Гордон го доби на мечот од ФА Купот против Брајтон, по што крилниот офанзивец поради суспензијата од три натпревари ќе го пропушти финалето на „Вембли“. Стандардниот лев бек Луис Хол, кој е меѓу најконстантните фудбалери во таборот на Њукасл, во меѓувреме заработи тешка повреда на стопалото и ќе мора да паузира до крајот на сезонава.

Хау денеска доби уште една разочарувачка вест, откако Свен Ботман заработи нова повреда на коленото и холандскиот дефанзивец го очекува пауза од терените. Ботман требаше викендов да го има својот камбек во тимот на Њукасл, но по новата повреда ќе следи пауза од околу два месеца, што најверојатно ќе значи и крај на сезоната и за овој фудбалер.

Згора на тоа, незгодна повреда влече и најдобриот фудбалер на „црно-белите“, Александер Исак, тој не настапи во Премиер-лигата против Ливерпул пред една седмица, беше повлечен од игра на мечот со Брајтон, па неизвесно е дали Исак воопшто ќе може да игра во големото финале на „Вембли“ против „црвените“ на Арне Слот.

Се вчитува...