Уште еден македонски фудбалер е пред трансфер во Шкотска?!

Бојан Миовски со одличните партии во дресот на Абердин ја отвори вратата за македонските фудбалери во Шкотска. Така, по стапките на голгетерот тргнаа Дарко Здравковски, Кристијан Трапановски и Давид Бабунски, а на листата Македонци со настап во шкотската Премиер-лига наскоро би требало да се најде уште едно име.

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Мартин Ѓоргиевски е многу блиску до потпис со тимот на Данди, со што овој 20-годишен фудбалер би го имал својот прв странски ангажман во кариерата. Иако има само 20 години, Ѓоргиевски веќе има околу 80 настапи во сениорскиот фудбал, а во изминатата сезона тој блескаше во средниот ред на тимот на Брера.

Како што информира RG, челниците на Данди се сериозно загреани за овој фудбалер, а преговорите со струмичкиот клуб се во завршна фаза. Останува да биде договорено на колку рати би се вршела исплатата на отштетата што треба да ја добие Брера, како и процентот од следниот трансфер, но се очекува и ова да биде надминато и Ѓоргиевски во најскоро време да се пресели на „островот“.

Тој за „сосед“ би го имал Кристијан Трапановски, кој од лани е дел од шкотската Премиер-лига, но во тимот на соседниот Данди Јунајтед.

Се вчитува...