Работник продолжува со потписи со актуелни репрезентативци на Македонија, истовремено ослабувајќи го тимот на Металург. По Маџовски, денеска нов член на битолскиот суперлигаш е и Мартин Велковски, десниот бек кој беше капитен на Металург, но поради финансиската криза на овој клуб реши да си замине од Автокоманда.
Останува да се види колку е физички подготвен Велковски, со оглед на фактот дека репрезентативец поради повреда на лигаментите на коленото долго време беше надвор од терените. По Велковски, се очекува потпис на договорот со битолскиот клуб да стави уште еден репрезентативец од Металург, Марио Танкоски, кој во РФМ веќе побара раскин на договорот со поранешниот првак.
Работник се засили и на голманската позиција потпишувајќи договор со Никола Митревски, потврдувајќи ги најавите за создавање на уште посилен тим во однос на ланската сезона.
Битолчани се во исчекување на одлуката на ЕХФ, дали ќе биде прифатена нивната апликација за учество во Лигата на шампионите, по што ќе биде решено дали да бидат ангажирани уште позвучни засилувања за следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА