Ракометарите на Е. Пелистер со пораз го завршија настапот во Лигата на Шампионите, четиринаесетти неуспех во низа за македонскиот првак во 14. меч од елитното европско натпреварување откако битолчани вечерва загубија на гостувањето против Колстад со резултат 34-27. Капитулацијата беше најавена со самата одлука на стручниот штаб за Норвешка да не патуваат најдобрите играчи на тимот, чувајќи ги за предизвиците што ги носи македонската Супер-лига. Оние помладите, предводени од Урош Борзаш се прикажаа во сосема солидно светло, но немаа сили за чудо против норвешкиот состав кој остана големо разочарување во ЛШ, не обезбедувајќи да обезбеди пласман во нокаут фазата.
Разликата во квалитет беше очигледна од самиот почеток, а проблем плус беше повредата на Ненад Костески, единственото десно крило во таборот на „пелистерци“ кој не се врати на теренот до крајот на мечот. Македонскиот првак се соочи со огромни проблеми во одбраната примајќи девет гола во првите десет минути од натпреварот (9-4). Колстад продолжи да доминира до 11-4, по што „пелистерци“ конечно се консолидираа и почнаа да парираат на теренот. Разликата се движеше околу пет гола, а благодарение на Урош Борзаш (шест гола во првото полувреме) на одмор се замина со „минус четири“ (17-13).
Второто полувреме почна со израмнета игра во која двата тима играа лесно и полетно во нападот. Македонскиот шампион пропушти можност да спушти на „минус три“, но Борзаш и Танкоски не дозволија Норвежаните повторно да се одлепат во раната фаза од вториот дел (23-19). Борзаш блескаше и во 44. минута го постигна својот 11. гол на мечот, но Еурофарм не можеше да одбрани буквално ништо и Колстад се одлепи на 27-21. При овој резултат Пелистер промаши и пенал преку Цветан Кузманоски, домаќините поведоа со 28-21, но „пелистерци“ повторно најдоа сили за да се вратат, намалувајќи на 28-24 и принудувајќи го тренерот на Колстад да побара тајмаут. Судиите од Литванија со неколку одлуки им помогнаа на Норвежаните рутински да го приведат мечот до крај, триумфирајќи со конечни 34-27.
Борзаш беше прв играч на македонскиот шампион постигнувајќи 11 погодоци на овој меч, на кој по три гола постигнаа Танкоски, Ѓорговски и Цветан Кузманоски. На спротивната страна, Лисе постигна 11, а Гудјонсен осум гола за Колстад.
Така, Е. Пелистер ја заврши сезоната со 14 порази на 14 натпревари во Лигата на Шампионите, јасен знак колку битолчани се зад кремот на европскиот ракомет. И колку и да изјавуваат дека би сакале повторно и следната година да бидат дел од елитата, со ваков скор добивањето на вајлд-карта во 2024/25 ќе остане само пуст сон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА