Атлетико Мадрид минатото лето го доведе Родриго де Пол од Удинезе, а Диего Симеоне е подготвен и сезонава да ангажира соиграч на нашиот Илија Несторовски од калчолигашот од Удине. Станува збор за левиот бек Нахуел Молина, кој ќе потпише петгодишен договор откако двата клуба конечно ги договорија деталите околу трансферот.
Јувентус исто така се интересираше за Аргентинецот, но проблем беше отштетата од 30 милиони евра што ја бараше Удинезе. Во преговорите со Атлетико пресуден беше Нехуен Перез, дефанзивецот што ја мина ланскатаа сезона на позајмица од Атлетико Мадрид во Удинезе. Мадридскиот клуб се согласи да го испрати Перез перманентно во Удине, плус да доплати 18 милиони евра, понуда што беше прифатена од „фриулијаните“.
Ова е одличен бизнис за Удинезе ако се знае дека овој фудбалер беше доведен без никаква отштета од академијата на Бока јуниорс во септември 2020 година. Серијата добри игри за Удинезе придонесоа Аргентинецот да биде повикан и во таборот на „гаучосите“, па Молина со својата репрезентација го крена и пехарот на Копа Америка минатото лето.
Овој фудбалер минатото лето одигра 35 средби за Удинезе во Серија А, постигнувајќи седум гола и пет асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

