Егзодусот од Еурофарм Пелистер продолжува како што се ближи крајот на оваа календарска година. Битолчани имаат катастрофални резултати во Лигата на Шампионите, што беше причина управата да направи мини-ремонт во играчкиот кадар, прв си замина Дејвис, по него Нилсен, а сега на листата на играчи кои го раскинаа договорот со македонскиот првак се најде и Каспер Кисум.
Данскиот бек пристигна во Е. Пелистер минатата сезона, даде значаен придонес за шампионската титула минатата сезона, но слабите изданија во последните месеци беа причина и тој да го напушти клубот.
„Е. Пелистер и данскиот интернационалец Каспер Кисум постигнаа спогодба за раскин на соработката. Во новата 2024 година еден од хероите од сезоната 2022/23 ќе настапува за друг клуб. 31-годишниот лев и среден бек остави силна трага во дресот на нашиот клуб и има големи заслуги за освојувањето на титулата минатата сезона. Кисум во првиот дел од сезоната постигна 12 голови во Лигата на шампионите, а редовно го носеше зелено-белиот дрес и во Суперлигата. Со неговата професионалност и неспорен квалитет клубот доби големи придобивки во неговиот едногодишен престој во Битола и вратите од нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за Каспер Кисум“, се вели во соопштението на битолчани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА