Феникс 2010 се покажува не само како успешна екипа на резултатски план, туку и како клуб кој на највисоко ниво прави убави гестови. Во тој правец, скопскиот прволигаш донесе одлука сите приходи од неделниот меч со Работнички да бидат уплатени за лекувањето на деветгодишниот Марио Ѓуран.
Само за потсетување, Феникс пред петнаесетина дена организираше слична кампања и за дуелот со МЗТ Скопје, кога приходите од натпреварот беа уплатени за лекувањето на Леонид Индов.
ФЕНИКС – РАБОТНИЧКИ ЗА МАРИО ЃУРАН!
Во 21. коло од Првата кошаркарска лига не очекува нов домашен натпревар, овој пат против градскиот ривал Работнички. Истиот ќе биде одигран во сабота со почеток до 20 часот и 30 минути во СЦ „Јане Сандански“ и ќе биде од хуманитарен карактер за помош на девет годишниот Марио.
Марио е момче од Скопје на кој за жал му е дијагностициран анапластичен медулобластон, вид на рак на мозокот. За среќа ракот е откриен во рана фаза и Марио веднаш е успешно опериран, но неговата борба не заврши. На Марио му е потребна протонска терапија која е достапна само во Прага.
Исто како и на натпреварот против МЗТ Скопје на влезот на салата ќе биде поставена кутија за донации во која наместо билет ќе треба да издвоите најмалку 100 денари за влез. Искористете ја саботната вечер за спорт, но во исто време и бидете хумани бидејќи заедно можеме повеќе! Се гледаме во сала“, објави ланскиот финалист во Купот на Македонија.
Потег за респект што би можеле да го следат и останатите клубови…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА