Јуниорската кошаркарска репрезентација на Македонија го заврши настапот на Европското Првенство – Б дивизија со уште еден пораз, овопат со резултат 74-90 од Украина, за освојување на 16. место на овој шампионат. „Црвено-жолтите“ уште еднаш тотално потфрлија, па иако во пресрет на шампионатот се надеваа дури и на влез во А-дивизијата, со новиот потпросечен меч само покажаа колку се далеку од кошаркарската елита во својата возрасна категорија.
Како пресудна во денешниот дуел со Украинците се покажа втората четвртина. Откако по првиот дел имавме минимално водство од 24-23, во вториот период противникот беше подобар со 12-26, создавајќи двоцифрена предност што украинските млади кошаркари рутински ја одржуваа до самиот крај.
Величковски беше најефикасен со 17 поени, тринаесет постигна Трајанов, додека Стојковиќ оствари дабл-дабл од 13 поени и 11 скокови. Под своето ниво одигра Шошкиќ, кој реализираше шест поени со катастрофален шут 2/11, а имаше и осум асистенции и шест загубени топки.
Само еден триумф и шест порази, голем дел од нив двоцифрени, тоа е доволен доказ за фијаското на оваа селекција на шампионатот во Португалија. Уште позагрижувачки е податокот дека дел од оваа јуниорска селекција догодина ќе биде дел од младинскиот национален состав, кој летово успеа да обезбеди влез во А-дивизијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА