Уште еден важен потпис во Е. Пелистер

Екипата на Е. Пелистер успеа да осигура уште еден важен потпис за ростерот за следната натпреварувачка сезона откако денеска го официјализираше новиот договор со Богдан Радивојевиќ.

Српскиот интернационалец е стандардно прва опција на десно крило во последните години, а во ситуација кога Костески е на излезна врата од клубот јасно е зошто битолчани инсистираа на останување на 32-годишниот Радивојевиќ.

„Нашиот ростер и следната сезона ќе биде преполн со родени шампиони. Еден од нив е Богдан Радивојевиќ, кој се обрвза на нов едногодишен договор со Еурофарм Пелистер. По две успешни сезони во првакот на Македонија, десното крило постигна согласност за соработка и за сезоната 2025/26.

32-годишниот Радивојевиќ освојувал трофеи секаде каде што настапувал. Во Партизан, Рајн Некар Левен, Флензбург, ПИК Сегед и Еурофарм Пелистер, Радивојевиќ остави голема трага и затоа огромно е задоволството што нашата соработка ќе продолжи.

Радивојевиќ во сезоните 2023/24 и 2024/25 одигра 27 натпревари за Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, а минатата сезона го освои и шампионатот на Македонија“, објавија „зелено-белите“, еден ден пред одигрување на клучниот меч за титулата против Вардар во Скопје.

Се вчитува...