Македонскиот ракомет викендов остана без две играчки легенди, синоќа Кирил Лазаров го одигра својот последен натпревар во кариерата, а денеска истото е случај и со Филип Миркуловски.
Големиот борец со Вецлар ќе го пречека Минден, дуел без преголемо натпреварувачко значење што ќе остане запаметен како последен во беспрекорната кариера на Миркуловски. Тој своите најдобри години од кариерата ги мина во Металург, тим со кој двапати стигнуваше и до четвртфиналето во Лигата на Шампионите, како еден од лидерите на извонредната генерација домашни играчи кои беспоштедно работеа под водство на Лино Червар.
Откако кризата го „закопа“ клубот од Автокоманда, Миркуловски беше принуден да си замине, по што се пресели во Бундес-лигата, најпрвин во Хановер, а од 2015 година со успех го носи и тимот на Вецлар. Во раководството на бундеслигашот ги препознаа ракометните и човечките квалитети на Македонецот, па тој неслучајно ќе остане дел од овој клуб и во наредната сезона, како помошен тренер.
Миркуловски ќе остане запаметен и по бројните извонредни натпревари во македонскиот национален тим, каде со пожртвуваноста беше пример за сите свои соиграчи. Иако ја имаше прекинато репрезентативната кариера, го прифати повикот на селекторот Лазаров да се врати и да им помогне на помладите, давајќи значаен придонес за обезбедениот пласман на СП 2022.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА