Американската гимнастичарка Габриела Даглас, трикратна олимписка шампионка, призна дека и таа била една од жртвите на сексуална злоупотреба од поранешниот тимски доктор, Лери Насар. Во својата порака на инстаграм 21-годишната гимнастичарка го потврди тоа што претходно го открија во јавност и нејзините колешки Мекајла Марони и Али Рејсман. Даглас се оправда за нејзиното молчење и се извини за изјавата дадена пред неколку недели дека „жените треба да се облекуваат поскромно, за да не предизвикуваат“
„Немав храброст јавно да ги споделам моите искуства бидејќи со години бевме условувани дека треба да молчиме. Искрено, некои работи се исклучително болни. Со цело срце им давам поддршка на моите тимски колешки кои јавно кажаа за тоа што им се случи. Без разлика на облеката што ја носиш, тоа никому не дава право да те вознемирува или да те злоупотреби. Не беше наша грешка што Лари Насар не злоупотребуваше“ – напиша американската олимпијка.
Марони прва излезе со обвинувања за сексуалната злоупотреба во американската гимнастика од тимскиот доктор што траело со децении. Потоа и Александра Рајсман пишуваше за овие злоупотреби во својата автобиографска книга, а сега им се приклучи и тројната олимписка шампионка, потврдувајќи го истото страотно искуство на сексуално злоупотреба и малтретирање во националниот тим.
Лари Насар (54) беше речиси две децении тимски доктор во гимнастичката репрезенатција на САД. Во 2015 година тој беше отпуштен и заврши во притвор, но не за сексуална злоупотреба, туку за поседување детска порнографија. Насар веќе го признал делото, но ги негира обвинувањата од гимнастичарките. Но, по се побројните јавни признанија на американските гимнастичарки се стеснува обрачот околу Насар на когу му се заканува казна затвор од 25 години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА