Уште една „трансфер-бомба“ во Белград: Бјелица потпиша за Црвена Звезда

Црвена Звезда и Партизан ќе водат жестоки битки во Евролигата и во АБА-лигата, откако и двата белградски кошаркарски гиганти потпишаа врвни засилувања летово.

Црвена Звезда денеска заврши уште една извонредна работа, потпишувајќи договор со крилниот центар Немања Бјелица. Долгогодишниот српски репрезентативец официјално го раскина договорот со Фенербахче, а само дваесетина минути подоцна се појави фотографија од Бјелица со агентот Мишко Ражнатовиќ.

Извори блиску до кошаркарот, како и до управата на „црвено-белите“ тврдат дека сите детали се веќе средени и договорот е потпишан, а се чека само Црвена Звезда и официјално да го потврди трансферот на 35-годишниот кошаркар.

Бјелица поради повреда ја пропушти речиси целата ланска сезона во Фенербахче, но јасно е дека доколку тој е здрав, ќе биде од огромна помош на тренерот Ивановиќ во борбата за трофеи во новата сезона.

Овој трансфер ќе претставува камбек на Бјелица во Црвена Звезда, откако крилниот центар си замина од овој клуб во 2010 година и се пресели во Басконија, каде тренер тогаш беше токму Душко Ивановиќ.

Се вчитува...