Уште едно европско фијаско за Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер претрпе уште еден пораз во Лигата на Шампионите, со убедливи 27-18 на гостувањето против Загреб. Стануваше збор за еден од мечевите на кој „пелистерци“ се надеваа дека би можеле да дојдат до подвиг и прва радост во ЛШ, но наместо тоа избраниците на Јовиќ и Шундовски повторно со наведнати глави го напуштија теренот. Во првото полувреме се играше егал пред се поради огромниот број на технички грешки на Загреб во нападот, но штом домаќините го решија овој проблем – во вториот дел успеаја да се одлепат и да стигнат до победата. „Пелистерци“ повторно целосно потфрлија во нападот, покажувајќи апсолутна немоќ против хрватскиот шампион, завршувајќи го мечот со 18 постигнати голови, премалку за успех во натпреварување какво што е Лигата на Шампионите.

Загреб поведе со 2-0 во почетната фаза од мечот, но македонскиот првак експресно се врати, и во 10. минута израмни на 3-3. Петровиќ во 12. минута веќе го доби и второто исклучување, Загреб поведе со 4-3, а проблемите со нападот на Пелистер продолжија и со промашениот седмерец на Богдан Радивојевиќ. Загреб пак дојде до плус два (5-3), но Е. Пелистер уште еднаш дојде до израмнување (5-5), со третиот гол на мечот на Урош Борзаш. Првото водство македонскиот првак го имаше во 22. минута, со седмерецот што го реализираше Руди Сери во 22. минута, по што следеше и првиот тајмаут на домашниот тренер Шоштариќ. Загреб заигра подобро по тајмаутот и веднаш го сврте резултатот во своја полза, па Јовиќ само една минута по својот колега реши да побара минута одмор. Костески конечно доби шанса заменувајќи го заспаниот Радивојевиќ, по што македонскиот репрезентативец стрелаше прецизно за 8-8, потоа со одлична интервенција во одбраната и запирајќи напад на домашните ракометари. „Пелистерци“ имаа 9-10 на една минута до крајот на полувремето, но Загреб успеа да израмни на 10-10, резултат со кој се замина на одмор.

Вториот дел почна со две нови грешки на поранешниот „вардарец“ Куни Моралес, но Еурофарм Пелистер не го искористи тоа за да стигне до предност.  Проблемите се зголемија откако Костески доби директен црвен картон по удирање во лице на Дибиров, иако немаше намера кај крилото на „пелистерци“, судиите сепак се решија за максимална санкција. Тајник промаши празна мрежа од својата половина во обид да донесе два гола предност при 12-13. Казната стигна со три гола во низа на хрватскиот шампион и предност на Загреб од 15-13, мини-серија што ја прекина Радивојевиќ со гол од крило.

Во 45. минута Загреб имаше 18-16 и двајца играчи повеќе на терен, по што домаќините за првпат стигнаа и до „плус три“ (19-16), по што Јовиќ мораше да побара тајмаут. Цехте погоди атрактивен цепелин, но доминацијата на Загреб продолжи, па домашниот состав преку Чупиќ поведе со 22-17, a во 54. минута и до „плус шест“ (24-18). Македонскиот првак се предаде, не успевајќи да постигне ниту еден гол до крајот, губејќи го овој дуел со убедливи девет гола разлика.

 

Се вчитува...