Никола Јокиќ во интервју за новинарот Един Авдиќ говореше на бројни интересни теми, откривајќи и кои му биле идоли на почетокот од кариерата.
Тука, најдобриот центар на денешницата неочекувано го спомена поранешниот репрезентативец на Македонија, Ратко Варда, кој му беше соиграч во Мега.
„Имав навистина фантастични идоли. Кога дојдов во Мега бев млад, но имав поддршка од повозрасните. Варда дефинитивно беше еден од нив… се уште му должам 50 евра. Немав пари да си отидам дома во Сомбор, се сеќавам дури и дека плачев. Тој ме виде, извади од џеб 50 евра и ми кажа… еве ти, оди си дома… Тоа беше пред 13-14 години, но никогаш нема да му го заборавам. И нема да му ги вратам парите“, со насмевка се присети Никола Јокиќ.
Ратко Варда имаше одлична кариера во која настапуваше и во НБА-лигата, во Европа ги бранеше боите на Партизан, Олимпија, Реал Мадрид… а во мак-баскетот се приклучи како дел од Кожув, во период кога со овој клуб раководеше сегашниот претседател на МКФ, Томица Главчев.
Тој ги бранеше боите на македонската репрезентација на турнир во Кина додека селектор беше Драган Раца, но потоа повеќе не беше дел од нашиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

