Карпош соколи максимално коректно и спортски ја одработе задачата во последното коло од Супер-лигата, совладувајќи го Кожув со резултат 85-77 . Откако беше јасно дека Работнички ќе слави во Кавадарци „соколите“ во секој случај ја завршуваа Супер-лигата на третата позиција, но тренерот Николиќ и неговите избраници сепак не покажаа милост кон Кожув, елиминирајќи го тимот од Гевгелија кој со триумф вечерва можеше да се надева на место во полуфиналето (доколку Куманово во последниот меч загубеше од МЗТ Скопје).
Гостите од Гевгелија подобро го почнаа натпреварот, поведувајќи со 10-14, а потоа и со 13-17. Сепак, „соколите“ набрзо потоа „полетаа“, најпрвин ја добија првата четвртина со 22-19, а потоа во вториот период уште повеќе си ја зголемија предноста, поведувајќи со 31-21 веќе во 12. минута. Кошаркарите на Кожув собраа сили за камбек, на крајот на полувремето намалија на 44-39, за потоа Карпош соколи на самиот старт од второто полувреме повторно да се одлепат и да го контролираат резултатот до финишот и конечните 85-77.
Лабовиќ беше најефикасен кај Карпош соколи со 17 поени, Дарко Соколов постигна 15, а Пери 13 поени за победничкито тим, додека најдобар стрелец на Кожув беше центарот Бојан Крстевски, кој оствари дабл-дабл од 26 поени и 10 скокови.
Кожув со овој пораз и дефинитивно ја завршува сезонава, додека Карпош соколи го очекува полуфинална пресметка против Работнички, во која првиот меч ќе се игра во салата „Градски парк“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА