Македонската репрезентација ја совлада Ерменија на контролниот натпревар одигран во Струмица со 3-1. Можеби не ја надигра во целост, но избраниците на Благоја Милевски ги искористија шансите и дојдоа до убедлив триумф. Блескаше Елмас кој два пати асистираше, а учествуваше и во акцијата за вториот гол на Македонија. Проблеми во играта имаше, и тие треба да се поправат, особено кога имаше големо опуштање по вториот гол. Ерменија тогаш ја имаше играта, се обидуваше да постигне гол, а потоа по еден противнапад, кој беше нашето најсилно оружје, успеа да дојде и до 3-0. Ерменците во финишот само успеаја да намалат.
Прв дел изразен со шанси, и одлична игра на Македонија на почетокот и на крајот од првите 45. минути. Првата закана дојде од Алими кој од 25. метри упати прецизен шут, но Чанчаревиќ одбрани со крајни напори.
Следуваа серија на обиди на Ерменците, главно од далечина и опасни ситуации од корнер. Во 11.минута Дашјан се обиде од речиси 40 метри да го изненади Шишковски, но не му успеа. Потоа и Ранос, но право во Шишковски, па уште еден обид одбрани голманот на Македонија.
Следуваше шансата на Еремнија преку Ранос од корнер, но нова одбрана на Шишковски. На две минути пред крајот на полувремето, молскавична контра на Македонија. Елмас украде топка, стигна на 20 метри и додаде до Трајковски, кој се ослободи од еден одбранбен играч и погоди во голот на Чанчаревиќ за предност на полувремето.
Одличен почеток имаше Македонија и на второто полувреме. Следуваше обидот на Елмас во 47. минута, но право во Чанчаревиќ, а потоа и обидот на Трајковски во 54. минута после проигрувањето од Адеми, оди само во надворешниот дел од мрежата.
Нападите на Македонија дадоа плод во 59. минута. Елмас од левата страна упати одличен шут, топката заврши во стативата, но се одби до Милан Ристовски кој погоди во голот и ја зголеми предноста на нашиот национален тим.
По водството од 2-0, како да се стишија работите на теренот. Милевски во игра ги уфрли Барди, Елези, Ашковски… за да се задржи повеќе топката, додека Ерменија се обидуваше брзо да го намали резултатот за да се врати во игра и да остане непоразена. Во 72. минута шанса имаше Спертсјан, но неговиот обид од слободен удар од 23-24 метри оди само над голот.
Ерменија фрли се на една карта, нападна да постигне гол, а Македонија ја чекаше грешката и од контра да го „затвори“ натпреварот. Во 82. минута обид на Елези, но млако и Чанчаревиќ успеа лесно да одбрани.
Контрата која Македонија ја чекаше се случи во 88. минута. Иљазовски до Даци, кој го проигра Елмас во трк по левата страна, а овој додаде до Даци, кој во прв миг не ја прими добро топката, но се снајде и успеа да ја упати во мрежата за 3-0. Во последните секунди Сперстсјан од слободен удар од левата страна го совлада Шишковски за конечни 3-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА