Ракометната репрезентација на Македонија славеше рутински со 33-30 на денешниот дуел со Грција, прв од двомечот со јужниот сосед како генерална проба пред настапот на ЕП 2024. Лазаров им даде шанса на речиси сите ракометари со исклучок на Маркоски и на болниот Жарко Пешевски, додека на голот почна Митревски, а последните десетина минути ги одигра Кизиќ (Томовски најверојатно ќе добие шанса на утрешниот дуел). Првите дваесетина минути донесоа неочекувани проблеми пред се во одбраната, но штом се влезе во посакуваниот ритам Македонија лесно дојде најпрвин до пресврт, а потоа и до убедлива победа.
Македонија мечот го почна со Џонов, Талески и Велковски во бековската линија, Атанасијевиќ и Ненад Костески на крила и Лазаревски како пивот, на местото на Пешевски кој поради болест го пропушти денешниот натпревар. Грците изненадија со одличен почеток, за една минута игра поведувајќи со 2-0. Македонија речиси пет минути беше без постигнат гол, период во кој зицери не реализираа Лазаревски и Костески, пред Атанасијевиќ конечно да погоди за намалување на негативата на 1-2. Грција рутински ја одржуваше предноста во почетните десет минути, лесно наоѓајќи одговор за нашата одбрана и поведувајќи со 5-7. Македонија се обиде и со „седум на шест“, одбраната остана проблем, но сепак успеавме да се вратиме и во 20. минута со голот од контранапад на Кузманоски да израмниме на 10-10. Филип Кузмановски не реализираше пенал при 10-11, но затоа Митев беше прецизен од седум метри во 26. минута, за ново израмнување на натпреварот (13-13).
Митревски собра уште една одбрана, по што следеше прекрасна акција на нашите крила и додавање на Кузманоски до Костески, за прво водство на Македонија на мечот (14-13). Во одбраната конечно профункциониравме како што треба, пристигнаа и лесни голови од контранапад, па преку Костески и Савревски поведовме со 17-14 на две минути до крајот на полувремето, принудувајќи го грчкиот селектор на тајмаут.
Македонија замина на одмор со предност од 18-15, а потоа фуриозно го почна и вториот дел, набрзина поведувајќи со шест гола предност (21-15), по само две минути игра во второто полувреме. Одличното издание продолжи, па Џонов постигна убав гол од половина терен во празна мрежа, одржувајќи го убедливото водство (23-17). Грчкиот напад веќе беше далеку послаб отколку во првите дваесетина минути од натпреварот, па гостите не реализираа и пенал при 25-19, за веќе во следниот напад во 44. минута Македонија преку Кузмановски да поведе со 26-19.
На десети минути до крајот Македонија имаше водство од 28-23 по промашениот седмерец на Никола Костески, но тоа не се одрази врз случувањата на теренот. Македонските ракометари лесно го контролираа резултатот, а Грците дури во самиот финиш ја намалија негативата, до конечните 33-30.
Лазаревски одигра одличен меч во нападот постигнувајќи осум гола, два помалку постигна Ненад Костески, додека Филип Кузмановски го заврши мечот со пет погодоци. Никола Митревски го заврши натпреварот со девет успешни интервенции.
Македонија и Грција утре ќе одиграат уште еден натпревар како генералка пред заминувањето за Германија, но тој дуел ќе биде одигран без присуство на публика.
Нашиот национален патува за Германија на 8 јануари, а првиот меч на ЕП 2024 ќе го играат на 10 јануари против Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА