Успешната битолска приказна продолжува: „Платформата“ потпишана, Пелистер со сигурна иднина

Успешната ракометна приказна во Пелистер под името Еурофарм Пелистер ќе продолжи и во иднина, откако претставниците на оваа успешна македонска компанија денеска ја продолжија соработката со град Битола, под наслов „Платформа за ракометна Битола“.

Ваков тип на соработка трае со години наназад, но актуелниот договор истекуваше на крајот од сезонава, по што се појавија и различни шпекулации на оваа тема. На крајот, беше најден заеднички јазик и на задоволство на сите во спортска Битола беше потпшан договорот меѓу Зоран Стерјев како претставник на Еурофарм и Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

„Најракометниот град има причина за ново задоволство. Ни претставува чест да го официјализираме продолжувањето на договорот за „Платформата за ракометна Битола“. Акционерите, Општина Битола и компанијата Еурофарм, денес го потпишаа договорот за продолжување на соработката. Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, и претседателот на клубот и на компанијата Еурофарм, Зоран Стерјев во автентичен сегмент во спортската сала „Боро Чурлевски“ ставија потпис на третиот договор во рамките на оваа платформа. Со оглед на тоа што стариот договор е на истек со завршувањето на оваа сезона, акционерите обезбедија сигурна иднина, стабилен буџет и компетитивен тим. Претставниците на акционерите изразија задоволство од овој договор и испратија пораки на победи и титули на армијата навивачи на Еурофарм Пелистер“, објави актуелниот првак на Македонија.

Се вчитува...