Македонската рели посада: Владимир Димушевски и Бранко Гушиќ имаа успешен дебитантски настап на Рели Мионица во Србија освојувајќи го 10 – тото место во рели шампионатот на Централно Европската Зона, Нашиот екипаж беше најдобар во нивната класа RC5 која се бодува за отвореното рели првенство на Србија, а севкупно беа 12-ти од 25 екипажи колку што се натпреваруваа на релито.
Настапувајќи Hyundai i20 Coupe RC5 подготвено и со поддршка од бугарскиот рели тим MSA Motorsport Academy, Димушевски и Гушиќ по пауза од повеќе од 20 тина години се првите македонски автомобилисти со настап на меѓународна рели трка. Поранешниот трикратен шампион на Македонија на кружни патеки, Димушевски по пауза од 10 тина години, со овој настап повторно се враќа во активно натпреварување како дел од проектот за формирање на македонски рели тим заедно со некогашната легенда на македонскиот автомобилизам, неговиот татко Александар.
Како за прв настап, примарна цел на Димушевски и Гушиќ беше собирање на искуство за ваков тип на натпревари, навикнување на возилото и тимот и пред се, да се успешно да се комплетира целото рели.
Владимир Димушевски (возач): Задоволни сме од настапот, се беше супер. Можевме и подобро, имавме шанси и за топ 10 финиш во генерала, но последната седма етапа беше многу тешка и комплицирана, па решивме да не ризикуваме, да возиме за да го завршиме релито и да го сочуваме автомобилот. Се на се, навистина ова беше една многу успешна лекција, научивме многу работи, функциониравме одлично како тим и мислам дека можеме да постигнеме и подобри резултати на идните трки.
Бранко Гушиќ (совозач): Возилото беше одлично подготвено и се покажа многу конкурентно. Но, сепак, овде ни беше примарна цел да го завршиме релито и да научиме што е можно повеќе работи. Имаме простор за напредок, недостатокот од рели искуство го надоместувавме од етапа во етапа, имаме добро возило и мислам дека во иднина ќе можеме да атакуваме и на подобар пласман. Со Влатко сме поминале многу во автомобилизмот, но релито сепак е многу поспецифична и потешка дисциплина.
Релито Мионица беше поделено на 7 брзински испити, а севкупен победник беше домашниот возач Лазар Миловановиќ со Ford Fiesta пред Бугаринот Антон Титов со Skoda Fabia R5.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА