Манчестер сити по 18.кола е убедлив на лидерската позиција во Премиер – лигата со рекордна серија од 17 победи и едно реми. Најзаслужни за ваквиот успех на Сити се играчите и тренерот Пеп Гвардиола. Меѓутоа, зад целиот тој проект стои сопственикот на клубот, шеикот Мансур (47) чие богатство се проценува на 32 милијарди евра, а богатството на неговото семејство изнесува 630 милијарди евра.
Освен што е сопственик на Манчестер сити, Њујорк Сити и на Ал-Џезира, неодамнешниот противник на Реал Мадрид на Светското клупско првенство, Мансур ја извршува функцијата заменик премиер на Обединетите Арпаски Емирати и министер за претседателски работи. Членот на владетелското семејство во Абу Даби, благодарение на растот на својата компанија (International Petroleum Investment Company) заработел повеќе од 19 милијарди евра, а според податоците од 2014 година, неговото богатство се проценува на 32 милијарди евра.
Шеикот Мансур дел од своето богатство го вложува во откупување на франшизите во спортските клубови. Прво во 2008 година го купи Манчестер сити за 260 милиони евра со што „граѓаните“ обезбедија доволно средства за да донесат играчи од светска класа. Пет години подоцна Мансур стана сопственик на МЛС клубот Њујорк сити за кој настапуваа играчи од калибарот на Андреа Пирло и Франк Лампард, а сегашен член и капитен е Давид Вилја.
По влезот на европскиот и северноамериканскиот пазар, Мансур во 2014 година го купи и Мелбурн Сити и се прошири и на австралиско тло, а го поседува и тимот на Ал-Џезира.
Но, фудбалот не е единствената спортска пасија на богатиот шеик од ОАЕ. Покрај фудбалските клубови тој во 2005 година купи пет проценти од акциите на Ферари што му олесни да ја донесе Формула 1 во својата земја и да ја востанови трката за ГН на Абу Даби. Покрај акциите во Ферари, газдата на Манчестер сити поседува и 9,1 процент од акциите во „Дајмлер“.
Во својата приватна колекција шеикот меѓу другите автомобили поседува и Мерцедес СЛР Мекларен (400.000 евра), Ламборџини Ревентон (950.000 евра), Ферари Енцо (2,8 милиони евра). Исто како и боксерот Флојд Мејведер и Мансур е голем вљубеник во Бугати Вејрон и во својата колекција има дури пет ултра-скапи автомобили од оваа марка. Меѓу највредните примероци е неговото Порше 911ГТ1 чија вредниост се проценува на 3,5 милиони евра.
Покрај фудбалските клубови и скапата колекција автомобили, газдата на Манчестер сити поседува и една од најголемите јахти во светот, луксузни хотели и скапоцени вили.
„Топаз“ е шестата најскапа јахта во светот. Изградена е во 2012 година во Германија, долга е 147 метри, има осум ката, два хелиодроми, три базени, џакузи, кино… Непосредно пред СП во Бразил, Мансур му ја позајми јахтата на холивудскиот актер Леонардо Ди Каприо кој на неа организираше забава за своите пријатели.
Медиумите ја пренесоа информацијата дека Мансур за време на својот престој на турскиот брег, во пристаништето во Мармарис потрошил 440.000 евра за гориво за јахтата, а процесот на дополнување на резервоарот од 730 илјади литри, траел повеќе од пет часа.
Богатиот газда на Манчестер Сити поседува и многу недвижности низ светот со вредност од неколку стотици милиони евра. Во 2016 година Мансур за 50 милиони купил луксузна вила и имот од 80 квадратни километри „Los Quintos de San Martin“ во југозападниот дел на Шпанија.
Заедно со своето семејство шеикот во 2005 година ја финансираше изградбата на палатата (The Emirates Palace) која ја опишуваат како единствен вистински хотел со седум ѕвезди. Палатата има 394 соби, вклучувајќи 92 апартмани и 22 претседателски апартмани, а мебелот во најголем дел од мермер и од злато.
Покрај деловните успеси и огромното богатство, шеикот претпочита својот приватен живот да го држи далеку од јавноста. Единствено се знае дека има две сопруги и шест деца. Во средината на 90-години шеикот Мансур се ожени со својата прва сопруга Алија бин Мохамед ал Хамед. А во 2005 година го склучи вториот брак со Манал, ќерката на емирот од Дубаи, Мохамед ал Мактум.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА