Данска славеше со 35-32 над Франција во „малото финале“ од ЕП 2022, меч што беше решен по продолженија од двапати по пет минути во кои актуелните светски прваци ги совладаа олимписките шампиони и стигнаа до бронзениот медал на овој шампионат. Данците настапија без повредениот Микел Хансен, но и во отсуство на својот најдобар стрелец најдоа начин да го земат скалпот на „триколорите“ и да се рехабилитираат од шокантниот полуфинален пораз од Шпанија.
Мечот почна многу лошо за Данците, кои веќе во првата минута останаа без десниот бек Гидсел, кој заработи незгодна повреда и веднаш се упати кон соблекувалната. Ова го наруши почетниот концепт на светските прваци, а Французите го искористија тоа и поведа со четири гола предност (9-5). Штом Ландин влезе во ритам на данскиот гол, скандинавската селекција успеа да се врати и на одмор се замина со минимална предност на „триколорите“ од 14-13.
Данска беше подобар ривал и на стартот од второто полувреме, по што „црвено-белите“ стигнаа и до водство од три гола (19-22). Французите се вратија, поведоа и со два гола предност (26-24), но тоа беше само продолжение на возбудувањата пред драматичниот финиш. „Триколорите“ не реализираа два напади при 28-28, по што Сван Хансен погоди од крило за водство на Данска. Жил зеде тајмаут, а Дика Мем со помош на блокот погоди за изрманување од 29-29. Данците имаа последен напад за победа, но не го искористија, па носителот на бронзениот медал беше решен по продолженија од двапати по пет минути.
Во нив поумешни беа Данците предводени од голманот Ландин, па актуелните светски шампиони на крајот го освоија бронзениот медал на овој шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА