Скопје викендов повторно ќе ужива со уметничкото лизгање. Наредниве два дена на мразот на СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одржи Вториот интернационален натпревар во уметничко лизгање „Скопје на мраз 2018“.
Манифестацијата која втора година по ред на вистински начин го промовира и уметничкото лизгање во нашава земја, стартува денеска од 19 часот со извлекувањето на стартните броеви на учесниците, по што веднаш следува и свеченото отворање.
Според најавите од страна на организаторите, на „Скопје на мраз 2018“ ќе учествуваат повеќе од 60 натпреварувач(к)и, на возраст од 5 до 25 години. Првите натпревари почнуваат денеска, по свеченото отворање, во три интерпретативни категории на кој ќе учествуваат 14 натпреварувачки.
„Минатата година имавме навистина убава организизација на настанот, но оваа година имаме огромна задача и предизвик да бидеме подобри и поуспешни. Среќни сме што успеваме да го развиваме овој спорт. И покрај непостоење соодветни услови за тренинг сепак резултатите се движат во нагорна линија. Меѓу другото целта на овој, веќе традиционален натпревар е да го промовира уметничкото лизгање во Македонија и нашите млади и успешни спортисти, кои секојдневно вредно работат. Сакам да ги поканам сите љубители на уметничкото лизгање утревечер и в сабота претпладне да бидат дел од настанот и да уживаат во настапите на нашите натпреварувачи“ – вели претседателката на Федерацијата за лизгачки спортови, Цветанка Макаровски.
Според најавите на манифестацијата покрај домашните натпреварувачи ќе учествуваат и гости од Србија, Грција, Бугарија и Хрватска. Влезот за гледачите и во двата дена ќе биде слободен. „Скопје на мраз“ се организира втора година по ред од страна на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија и Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА