Вајли: Имаме млада репрезентација која е во фаза на создавање

Кошаркарската репрезентација на Македонија го забележа и третиот пораз во претквалификациите за пласман на Светското првенство 2027 година во Катар, откако вечерва загуби на гостувањето кај Романија во Орадеа со 79-66.

Најдобриот кошаркар во нашиот тим Џејкоб Вајли кој заврши со 19 поени по мечот изјави дека е горд на оваа нова репрезентација на Македонија која е во создавање.

„Сите во репрезентацијата работеа навистина напорно на подготовките и јас сум благодарен за времето што го поминав овде. Имаме млади кошаркари, екипа која е во создавање и горд сум на нашето издание против репрезентација како Романија која има искусни играчи и одличен селектор. Не се откажавме во ниеден момент, верувавме во победа и сите заслужуваат честитки за тоа.

Натпреварот заврши како што требаше, Романија заслужи да победи бидејќи ние направивме многу грешки. Не е оправдание, но како што кажав, нашите кошаркари се млади, уште учат и собираат искуство. Во споредба со претходниот натпревар, бевме многу подобри, тогаш загубивме со 40 разлика, а сега до крајот бевме во игра за победа, се доближивме на еден посед и можевме да дојдеме до победата. За мене тоа е голем чекор напред“, рече Вајли.

Се вчитува...