Реал Мадрид и Ефес одиграа меч за паметење, откако „кралскиот клуб“ по неверојатни четири продолженија го скршија отпорот на турскиот гигант триумфирајќи со 130-126. Ова беше првмеч во историјата на Евролигата во кој беа играни дополнителни 20 минути, за вистинско уживање на кошаркарските фанови ширум Европа. Турците имаат за што да жалат ако се знае дека беа многу блиску до триумф, но сепак не успеаја да го земат скалпот на актуелниот европски шампион.
Дуелот беше супердраматичен, Реал и Ефес се менуваа во предност, откако двата тима пропуштија шанси и порано да стигнат до победата по 40 минути игра. Ларкин промаши тројка за триумф во регуларниот дел од мечот, додека првото продолжение заврши без победник откако Хезоња се најде осамен на шут за тројка, но топката излезе од обрачот и мораше да се играат нови пет минути. Во нив блеснаа гостите, кои за една минута постигнаа три тројки во серија (Ларкин, Плајс и Томпсон), стигнувајќи до девет поени предност. Реал стигна до 100-102 на триесет секунди до крајот по тројката на Козер, Ларкин промаши, а потоа Хезоња со положување со звукот на сирената го одведе мечот и во трето продолжение.
Неверојатниот натпревар продолжи со максимални возбудувања и во наредните пет минути, Отуру блесна за Ефес, но Тавареш со забивање израмни на 111-111. Ларкин повторно имаше шут за победа, тргна на положување, но не погоди, па победникот мораше да биде решен по четврто продолжение. Во него блесна Марио Хезоња, кој заедно со феноменалниот Џанан Муса му ја донесе победата на Реал, изразена со конечни . Муса долго време беше закован на клупата иако имаше 36 поени, влезе на две минути до крајот по петтата лична грешка на Кампацо и со две успешни акции успеа да ја запечати победата на Реал Мадрид.
Муса го заврши натпреварот со неверојатни 40 поени, Хезоња имаше дабл-дабл од 31 поен и 12 скокови, додека Кампацо го заврши мечот со 25 поени и 11 асистенции.
Во таборот на Анадолу Ефес во главна улога беше Шејн Ларкин со 32 поени и девет асистенции, Томпсон постигна 21, а Даум 15 поени за поразениот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА