Ваква чистка не се памети: Бобан ќе избрка 17 фудбалери од Динамо Загреб летово

Динамо Загреб ја заврши една од најслабите сезони во последните дваесетина години, откако „модрите“ останаа без ниту еден трофеј.

Звонимир Бобан пред еден месец го презеде управувањето со најтрофејниот хрватски фудбалски колектив, а легендата се реши за драстични чекори  во претстојниот преоден рок. Како што информира „Спортске Новости“, планот на управата на Динамо е летово да се направи целосен играчки ремонт во кој од „Максимир“ ќе си заминат дури 17 фудбалери.

Новиот тренер Марио Ковачевиќ ќе мора да работи со целосно изменет тим бидејќи планот на Бобан е да бидат продадени речиси сите клучни првотимци. Македонскиот интернационалец Стефан Ристовски веќе го напушти клубот по истекот на договорот, а се очекува истото да се случи и со Аријан Адеми.

Бобан во меѓувреме имал разговори и со најдобрите хрватски играчи во тимот, Петковиќ, Батурина и Пјаца, на тројцата им биле понудени нови договори со помали плати од она што го заработуваат во моментов, па откако одбиле дошло и до конфликт со новиот претседател.

Триото дефинитивно ќе биде продадено за да се осигура буџет за нови фудбалери, а од „Максимир“ веќе си заминаа и Мбуку, Фрањиќ, Рог и Оливерас, чии позајмици истекоа и тие се вратија во своите клубови.

Едно е јасно, Динамо го очекува долго топло лето, а пред Бобан е сериозен предизвик, одново да изгради империја што ќе доминира на хрватската фудбалска сцена.

Се вчитува...