Дуелот меѓу Унгарија и Шкотска во Штутгарт во првото полувреме делуваше како „приспивна“, но затоа во самиот финиш донесе неверојатни возбудувања, за Унгарците со гол во 100. минута да стигнат до победа која им го донесе и третото место во групата.
Мечот ќе остане запаметен и по тешката повреда на Варга, откако унгарскиот напаѓач загуби свест по еден дуел во противничкиот шеснаесетник и мораше на носилки да биде изнесен од теренот. Поради овој прекин се играа дури десет минути судиско продолжение, во кое беа проследени и најдраматичните моменти на мечот. Оние 0-0 не им одговараа ниту на Шкотите, кои ќе останеа трети, но со два бода и лоша гол-разлика, само со теоретска шанса за пласман во осминафиналето.
Поради ова шкотскиот состав целосно се отвори во завршницата, Унгарија имаше неколку шанси, а „резервистот“ Шобот во 92. минута излезе очи в очи со голманот Ган, но од идеална позиција биеше само во дирекот. Возвудувањата продолжија, Шкотска имаше две убави шанси по 96. минута, за Унгарија буквално во последните секунди да дојде до победничкиот гол, и тоа токму преку Шобот кој од трагичар се претвори во херој на нацијата со голот постигнат во 100. минута од овој супердраматичен дуел.
Така, Унгарија сега се наоѓа на третото место, со три освоени бода и гол-разлика минус еден, со сосема реални шанси да се најде меѓу најдобрите четири третопласирани селекции кои ќе стигнат до билет за осминафиналето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА