Интер и Јувентус одиграа меч за паметење на „Џузепе Меаца“, епска битка со бројни пресврти што на крајот заврши без победник, 4-4. Домаќините се тимот што повеќе ќе жали за ваквиот исход, ако се знае дека во вториот дел имаа предност од 4-2, но Кенан Јилдиз ја имаше улогата на супер-резерва на „старата дама“, со два гола носејќи бод за гостите од Торино.
Мечот почна одлично за „нероаѕурите“, кои по раниот пенал направен од Данило поведоа со 1-0 со ударот од белата точка на Зиелински. Наскоро следуваше шок за домашните навивачи, откако Јуве за шест минути направи целосен пресврт, најпрвин Влаховиќ израмни на 1-1, а веднаш потоа Веа стрелаше прецизно од близина за водство на „старата дама“.
Интер експресно возврати, Мхитаријан погоди за израмнување на 2-2, а до крајот на полувремето Зиелински повторно стрелаше прецизно од белата точка, па на одмор се замина со водство на домашниот тим од 3-2. Дамфрис на самиот почеток од вториот дел погоди за 4-2 и се чинеше дека дилемите околу победникот се разрешени, особено ако се знае дека Интер и при овој резултат не искоисти неколку одлични шанси.
Момент на одлука беше 61. минута, кога Јилдиз влезе во игра на местото на Веа. Турскиот репрезентативец стрелаше мајсторски за 4-3, а при овој резултат Интер не искористи две одлични шанси да стави печат на победата. Казната стигна во 82. минута, кога Јилдиз уште еднаш мајсторски стрелаше од десетина метри, за огромна радост на малубројните гостински навивачи на „Џузепе Меаца“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА