Вакво нешто не се памети: Њукасл со „петарда“ за 20 минути на дуелот со Тотенхем (видео)

Њукасл уште еднаш покажа дека заслужува место во Топ 4 и учество во ЛШ следната сезона откако „црно-белите“ во голем стил го почнаа дербито за четвртото место со Тотенхем, декласирајќи го лондонскиот клуб со неверојатни 5-0 за само 20 минути игра на овој дуел, што требаше да биде дерби на колото во Премиер-лигата.

Возбудувањата на „Сент Џејмс парк“ почнаа на крајот од првата минута, кога Жоелинтон тргна во продор, шутираше, а на одбиената топка налета Марфи и ја смести во мрежата.

Тотенхем беше во шок, а Њукасл го искористи тоа и постигна и втор погодок, стрелец беше Жоелинтон, кој втрча од позадина, го мина и голманот и ја смести топката во мрежата.

Се играше самиот почеток на деветтата минута кога Њукасл поведе со 3-0, со извонредниот погодок од далечина на Марфи.

Мизеријата на Тотенхем се зголеми во 19. минута, кога Исак се најде осамен пред голманот Љорис и погоди за 4-0. А само една минута подоцна на семафорот резултатот гласеше 5-0, по вториот гол на мечот на Исак.

Останува да се види дали Њукасл ќе се смилува на индиспонираниот гостински тим или „црно-белите“ ќе продолжат да ја полнат мрежата на Љорис.

Се вчитува...