Валенсија ќе го тужи „Нетфликс“ поради Винисиус Жуниор

Со денови се зборува за документарниот филм за Винисиус кој неодамна беше објавен од стриминг платформата Нетфликс. Приказната за него доби нова димензија. Фудбалскиот клуб Валенсија подготвува тужба против Нетфликс токму поради документарниот филм за Винисиус.

Документарецот го следи животот на Винисиус во последните неколку години, а еден од деталите на филмот е снимка од натпреварот кој се одигра на „Местаља“ на 21. април 2023 година.

На тој натпревар Винисиус доби големи навреди од навивачите на Валенсија, а токму извиците од трибините се идната тема на спорот и евентуална тужба. Валенсија не го оспорува грдото и погрешно однесување на своите навивачи, но за клубот е спорен начинот на кој Нетфликс го препиша она што се слушаше од трибините.

Имено, авторите на филмот во преводот навеле дека фановите извикуваат „моно, моно“, што е расно навредлива фраза наменета за луѓе со темна кожа.

Клубот од „Местаља“ тврди дека навивачите извикувале „тонто, тонто“, што во превод значи „идиот“.

Валенсија и претходно имаше „конфликти“ со претставници на поп културата. Клубот презеде правна постапка во 2013 и 2014 година за да ја заштити модернизираната верзија на својот грб, но потоа се соочи со реакции од „DC Comics“, кои тврдеа дека симболот премногу личи на логото на Бетмен.

Се вчитува...