Раководството на Валенсија е подготвено да даде зелено светло за заминувањето на Езекиел Гарај во Јувентус, но само доколку „лилјаците“ во меѓувреме доведат адекватна замена за Аргентинецот – во името на Џејсон Мурилјо. Членот на Интер е достапен за трансфер, а шпанскиот клуб веќе е во напредна фаза од преговорите со „нероаѕурите“, па италијанските медиуми најавуваат дека трансферот би можел да се комплетира до крајот на оваа средмица.
Валенсија би платила околу 10 милиони евра за услугите на Мурилјо, па повторно добро би заработила со оглед на најавите дека може да го продаде Гарај за над 15 милиони евра. Јувентус важи за лидер во трката по ексфудбалерот на Реал Мадрид и Бенфика, иако во последните денови сериозен интерес искажуваат и челниците на Спартак Москва.
„Лилјаците“ сепак имаат одлични односи со „старата дама“ уште од договорот за голманот Нето постигнат летово, па затоа се очекува италијанскиот првак да ја има „првата опција“ за Гарај, секако доколку ја израмни понудата од 18 милиони евра што ја има подготвено Спартак за аргентинскиот дефанзивец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА