Ненад Димитријевиќ е на чекор до комплетирање на „трансферот од соништата“ во Валенсија, откако беше обелоденето дека шпанскиот клуб подготвил богатство за да го доведе Македонецот во своите редови. Имено, „99,9 Радио Валенсија“ обелодени дека Димитријевиќ веќе ги има прифатено личните услови, и тоа извонредна сума од 500.000 евра годишно, додека Хувентуд ќе заработи 300.000 евра за предвременото заминување на македонскиот плејмејкер.
Во текот на вчерашниот ден спортскиот директор на Хувентуд најави дека очекува Димитријевиќ да остане во тимот (се споменуваше опција за едногодишна позајмица назад во Бадалона), но тренерот Дуран денеска ја отфрли можноста за такво нешто.
„Она што е во минатото останува во минатото. Мене ми се потребни играчи кои се максимално фокусирани, а не кошаркари кои со главата ќе бидат на некое друго место“, порача Дуран, по што се интензивираа најавите дека Димитријевиќ до крајот на месецов би можел да потпише договор со Валенсија.
Евролигашот веќе е одлично покриен на плејмејкерската позиција, летово го потпиша Хермансон од Алба, а ги задржа и Ван Росом и Вивес. Затоа, голема е веројатноста дека Македонецот по потписот на договорот ќе биде испратен на едногодишна позајмица во друг клуб, каде ќе има значителна минутажа за во 2021 година и официјално да го облече дресот на Валенсија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА