Валенсија за помалку од 24 часа ангажираше тројца фудбалери. Габриел Паулиста од Арсенал пристигнува за 10 милиони евра, за услугите на Жеисон Мурилјо од Интер исплатија нешто повеќе, поточно 13 милиони евра. Жефри Кондогбиа доаѓа на едногодишна позајмица како дел од размената со Интер за Жоао Кансело, со опција за перманентен трансфер за сума од 28 милиони евра.
Јасна беше иднината на Габриел доколку останеше во редовите на Арсенал. За него немаше место во тимот и покрај тоа што Венгер ја смени формацијата и користи тројца централни дефанзивци. Конкуренцијата за стартните единаесет е преголема, Мустафи, Кошчиелни, Мертесакер, Холдинг, Колашинац, па дури и Монреал кој целата кариера ја мина на позицијата лев бек.
Во слична позиција се наоѓаше и Мурилјо во тимот на Интер. „Нероаѕурите“ доведоа ново име во своите редови кој ќе ги обавува дефанзивните обврски, Милан Шкрињар од Сампдорија е платен 25 милиони евра. Иако за две сезони на „Џузепе Меаца“ одигра 28 натпревари, доби јасно дознаење дека нема да биде во прв план кај Спалети.
Кондогбиа уште на почетокот на трансфер пазарот одлучи да го напушти Интер, а тие се согласија да го продадат само доколку некој клуб исплати 40 милиони евра. Сумата се чинеше преголема, па Валенсија одлучи да го земе на позајмица и да му ја исплаќа целата годишна плата од 3.8 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА