Одличните настапи на Ненад Димитријевиќ во дресот на Хувентуд придонесоа Валенсија да покаже сериозен интерес за да го доведе овој кошаркар во своите редови. Станува збор за клуб кој настапува во Евролигата и редовно е дел од самиот врв на шпанскиот шампионат, каде македонскиот плејмејкер ќе има можност да направи значаен чекор напред во кариерата.
Договорот што Димитријевиќ го има со Хувентуд истекува за 12 месеци, а преговорите за продолжување на соработката не вродија со плод. Се поизвесно е дека тимот од Бадалона ќе инсистира да го продаде Македонецот во текот на летово и да заработи барем нешто од неговиот трансфер, а Валенсија може да си дозволи да плати отштета за да го ангажира Димитријевиќ во своите редови и да потпише долгогодишен договор со извонредниот плејмејкер. Шпанските медиуми најавуваат и можна едногодишна позајмица, Димитријевиќ да остане уште една сезона во Хувентуд, но шансите за тоа се минимални ако се знае дека тимот од Бадалона веќе преговара за ангажман на Пау Рибас од Барселона.
Преселбата на Димитријевиќ во тим од Евролигата би претставувала сериозен удар и за нашиот национален тим, ако се знае дека клубовите од елитното европско натпреварување не ги пуштаат своите кошаркари да настапат во квалификациите за Евробаскет 2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА