Еурофарм Пелистер го претрпе и вториот пораз на стартот од новата сезона во СЕХА-лигата, губејќи на гостински терен против Нексе со резултат 29-25. Македонскиот вицепрвак беше во негатива од почеток до крај, иако имаше и позитивни моменти, очигледни беа преголемите осцилации во играта, нешто што битолчани ќе мора да го корегираат ако сакаат да се надеваат на позитивни резултати во СЕХА, но и на трофеи на македонската ракометна сцена.
Тренерот на „зелено-белите“, Ларс Валтер по мечот вели дека исклучувањата биле клучни за поразот на неговиот тим.
„Најпрво, сакам да му честитам на домашниот тим за победата и добриот меч. Видливо е дека ние имаме проблеми со повреди. Клучниот момент беше кога добивме две исклучувања. А едноставно не можеш да преживееш така против одличен тим како Нексе. Среќен сум што се враќавме во мечот во два наврати. Имаме долго патување пред нас, а потоа следат два дена одмор кои ќе ги искористиме за анализа пред мечот во Данска“, изјави Валтер.
Бекот Марио Танкоски вели дека ова е заслужен пораз и дека ќе продолжат напорно да работат.
„Ова беше заслужен триумф на Нексе. Ние ќе го дадеме најдоброто за да продолжиме напред и да научиме што е можно повеќе од овој пораз“, изјави Танкоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА