Ернесто Валверде е стратегот што ќе го наследи Луис Енрике на клупата на Барселона по завршувањето на оваа сезона, открива весникот „Ел Мундо Депортиво“. Каталонскиот весник тврди дека одлуката е веќе донесена, а договорот за соработка е постигнат, поради што Валверде веќе му соопштил на својот сегашен клуб, Атлетик Билбао, дека не планира да продолжи да ја извршува оваа функција во текот на следната сезона. Преговорите за нов договор меѓу каталонскиот стратег и бакијскиот клуб траеја неколку месеци, за Валверде во текот на минатата седмица да им соопшти на своите работодавци дека летово ќе си замине од „Сан Мамеш“.
„Ернесто Валверде смета дека четири години се сосема доволно време за заокружување на еден циклус, период во кој освои еден пехар во Супер-купот на Шпанија, настапуваше и во Купот на Шпанија, а една сезона го водеше тимот и во Лигата на шампионите. Тој верува дека треба да му го отстапи своето место на некој друг, за да се внесе нова енергија во клубот“ – пишува „Ел Мундо“.
Уште по самата објава на Луис Енрике за неговото заминување од „Камп ноу“ името на Валверде беше посочено како еден од најсериозните кандидати за наследник на трофејниот стручњак. Иако до пред извесно време за фаворит во оваа трка важеше Унсуе, новите слаби настапи на Барса придонесоа да се појави сомнеж дека помошникот на Енрике ќе може соодветно да се снајде како шеф на стручниот штаб. Во една таква ситуација каталонците се насочија кон „надворешни решенија“ за тренерското место, а Валверде делува како идеален кандидат.
Неофицијално, договорот би можел да биде обелоденет во следните десетина дена, по завршувањето на „Ел Класико“ претстојниот викенд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА