Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде ужива во добриот старт во Лигата на шампиони откако ја превзеде каталонската екипа. Всушност, Валверде статистички има подобар учинок од легендарните тренери на Барса кои успеале да го донесат европскиот пехар на „Камп Ноу“.
По три кола во групите од ЛШ, Барселона има максимални девет бода, седум пати ја тресеа мрежата, а во својата дозволија само еден, единствен гол. Со 3-0 се одмаздија на Јувентус за минатигодишната елиминација во нокаут фазата, минималните 1-0 против Спортинг во Лисабон беа доволни за нови три бода, додека Олимпијакос страдаше со три гола во својата мрежа во вторникот.
Претходно Барселона ниту еднаш не успеала да издвои три победи во низа на првите три меча од групната фаза во ЛШ во шампионските сезони.
Во сезоната 1991/1992, екипата предводена од Јохан Кројф по првите три кола во групната фаза имаше шест бода, поточно две победи и еден пораз. Составот на Франк Рајкард во сезоната 2005/2006 забележа две победи и еден нерешен резултат по три меча.
Пеп Гвардиола во два наврати го однесе тимот кон европскиот врв. Во третата квалификациска рунда во сезоната 2008/2009, Барселона се соочи со Висла Краков каде по 4-0 победата на „Камп Ноу“, следуваше изненадување од 1-0 во реваншот. Потоа го совладаа Спортинг Лисабон во првиот меч од групната фаза. Во сезоната 2010/2011 Барса направи кикс во Русија против Рубин Казан, додека другите два меча лесно ги освои.
Од поновата историја, Луис Енрике е човекот кој го водеше тимот до тројната круна во сезоната 2014/2015, но во походот во Лигата на шампиони се соочи со мала криза, откако во второто коло Барса беше поразена од ПСЖ со резултат од 3-2 на „Паркот на принцовите“. Пред овој пораз, првите три бода ги освоија протил АПОЕЛ, а потоа следуваше и триумф на Олимпијакос.
Можеби е се уште рано да се предвидува кој би можел да го освои најпосакуваниот трофеј во Европа, но полека се издвојуваат неколку фаворити. Екипата на Барса предводена од Валверде по секој меч остава се подобар впечаток, и наговестува дека ќе биде достоен конкурент и по распадот на триото Меси – Суарез – Нејмар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА