Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, не верува дека новонастанатата политичка криза ќе придонесе неговиот тим повеќе да не се натпреварува во шпанската Ла Лига. Каталонија попладнево прогласи автономија, одлука што веднаш ја поништи Шпанскиот Сенат и најави преземање на целосна контрола над оваа територија.
Сигурно е дека и во периодот што следи ќе продолжат препукувањата на двете страни, но и покрај најавите на дел од медиумите дека тоа би можело да донесе раздор на спортската сцена, Валверде е оптимист дека ситуација нема да се промени.
„Ла Лига без Барселона? Не сум видел такво нешто досега ниту пак сум слушнал за тоа за во иднина. Би лажел кога би рекол дека не следам што се случува, но тоа е политика, работите знаат да се менуваат во минута. Јас сум тренер на фудбалски клуб и ме интересира спортот, се подготвувам за претстојниот дуел со Атлетик Билбао и тоа е се што треба да ми биде во фокусот на вниманието, како и на моите фудбалери“ – изјави Валверде.
Тој се соочува со проблем бидејќи за утрешниот дуел на жешкиот терен во Баскија нема да може да смета на Андрес Иниеста и на Хавиер Маскерано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА