Барселона ги стартуваше подготовките за новата сезона во отсуство на своите мундијалски „ѕвезди“, а не требаше да мине многу време за тренерот Ернесто Валверде да состави и список на играчи на чии услуги нема да планира во наредните дванаесет месеци.
Паулињо веќе е продаден во Кина, а на излезна врата од „Камп ноу“ е и голманот Силесен. Холанѓанецот не е задоволен што ја грее клупата за Тер Штеген и сака да си замине, Ливерпул покажа интерес, но „црвените“ не сакаат да платат 30 милиони евра, колку што Барса бара за неговите услуги.
На врвот на листата на оние кои треба да си заминат е Андре Гомеш, Португалецот кој е тотално трансфер-промашување по доаѓањето од Валенсија. За овој фудбалер се интересираат Арсенал и Тотенхем, а можно е и враќање во татковината, во таборот на Бенфика или Порто, доколку Барса се согласи на едногодишна позајмица.
Сампер, Марлон, Далгас и Мунир се наоѓаат меѓу „непожелните“ кај тренерот на Барселона, но проблем е што досега и нема заинтересирани клубови за негов ангажман. Бразилецот Рафиња исто така не е дел од плановите на Валверде и сигурно ќе си замине, иако летово пропадна можноста за останување во Интер, тимот каде ги мина претходните шест месеци како позајмен играч.
Еден од оние кои без проблем ќе биде продаден е Јери Мина, дефанзивецот кој имаше одличен мундијал со Колумбија, па сега сериозен интерес за него искажуваат Евертон, Фенербахче и Бешикташ. Пако Алкасер исто така е незадоволен од минималната минутажа и разгледува понуди од неколку шпански прволигаши, а Лукас Дињ од истите причини го најавил своето заминување од Барселона. Листата на играчи за кои нема иднина во Барса ја затвора десниот бек Алеиш Видал, за кого се интересираат Севилја, Интер и Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА