Ван Бастен во Скопје: Убаво е да се види дека Македонија фудбалски оди напред! (ФОТО)

Легендата на холандскиот фудбал Марко Ван Бастен денеска во Скопје на отворањето на новиот капитален објект на Фудбалската федерација на Македонија – сместувачкиот капацитет за Академијата на ФФМ и младинските национални селекции.

Ван Бастен, сега во како технички директор ја предводи делегацијата на ФИФА која денеска заедно со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин ќе го отворат новиот објект во рамките на „Куќата на фудбалот“. Пред официјалното отворање, Марко Ван Бастен во разговор за ЕКИПА го потенцира задоволството што и во мали земји како Македонија се повеќе се создаваат идеални услови за развој на фудбалската игра…

„Јас бев дел од онаа славна Академија на Ајакс, но мора да истакнам дека тогашните услови кои ги имавме ниту од далеку не беа како овие денешните кои ги имаат младите фудбалери за свој развој. Во улога на технички директор на ФИФА сега сум задолжен токму околу создавањето услови за најмладите категории и навистина сум пресреќен што може да видам и еден ваков капитален објект во Македонија. Фудбалската федерација на Македонија овие години се поинтензивно покажува дека силно е решена да вложува за развој на младите фудбалер што е навистина позитивно, и тоа и УЕФА и ФИФА отворено го поздравуваат“ – истакна Ван Бастен, дополнувајќи дека изминатава 2017 година фудбалскиот свет многу слушна за Македонија и македонскиот фудбал.

„Тоа што го направивте со младата репрезентација и пласманот на ЕП е навистина голем успех кој силно одекна во Европа. Убаво е да се види како Македонија фудбалски оди напред. Голема работа за вас беше и организацијата на УЕФА Супер купот за кој и УЕФА се изјасни дека бил одлично организиран. Очите на целата планета тогаш беа насочени кон Македонија. Ако ме прашувате дали во иднина може да се очекуваат малите земји да бидат домаќини на ЕП или СП може да кажам дека проблемот не е во организацијата затоа што Скопје преку Суперкупот се покажа како одличен организатор. Но, проблемот со помалите земји е што немаат капацитет да ги примат сите тие гости – натпреварувачи и навивачи, тоа е најголемата пречка за организација на големо натпреварување“ – вели Холанѓанецот.

Марко Ван Бастен се сеќава на Македонија и како селектор на репрезентацијата на Холандија кога тогаш во Скопје, на 10. октомври 2004 година нашиот национален тим предводен од Драган Канатларовски одигра без победник, 2-2…

„Македонија отсекогаш имала фудбалски талент во себе. Се сеќавам на тој натпревар во Скопје. Македонија одигра одлично, а ги паметам како феноменални играчи Пандев и Шаќири. Уште тогаш се издвои иако млад Горан Пандев кој потоа оствари блескава кариера. Токму тоа е показател дека македонскиот фудбал може многу да и понуди на Европа“ – вели Ван Бастен.

КОМПЛЕТНОТО ИНТЕРВЈУ СО МАРКО ВАН БАСТЕН ЌЕ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО ТЕКОТ НА УТРЕШНИОТ ДЕН!

Се вчитува...