Вирџил ван Дајк е фокусиран на настапот на ЕВРО 2024, но холандскиот дефанзивец веднаш потоа ќе треба добро да размисли за својата иднина на клупски план.
Тој не крие дека е среќен во Ливерпул, но од друга страна е фактот дека актуелниот договор со англискиот гигант му истекува за помалку од една година, а преговорите за продолжување на соработката се уште не се стартувани. Ван Дајк најави дека би сакал да остане, но ситуацијата би можела да се промени откако дефанзивецот доби богата понуда од Саудиска Арабија.
Ал Наср е клубот што прв повлече нога со мегатрансферот на Кристијано Роналдо, оваа екипа убедливо ја загуби трката за титулата од Ал Хилал, па управата сега е уште помотивирана со неколку нови врвни засилувања во новата сезона да стигне до шампионскиот трофеј. Ван Дајк се наоѓа на врвот на листата со желби и до големиот ас е подготвена понуда со која ќе стане убедливо најплатен дефанзивец во светот. Неофицијално, станува збор за плата од околу 70 милиони евра годишно плус бонуси, па интересно ќе биде да се види дали 32-годишниот дефанзивец ќе се реши да го „наплати“ својот квалитет или ќе остане уште најмалку една година во Ливерпул.
Ако Ван Дајк реши да си замине, се очекува англискиот гигант да бара најмалку 50 милиони евра за својот најдобар дефанзивец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА