Холандскиот репрезентативец Вирџил ван Дајк вчера беше прогласен за најдобар фудбалер во изборот на Европската фудбалска федерација (УЕФА). Одличниот столб на одбраната на Ливерпул и Холандија зад себе ги остави Лионел Меси и Кристијано Роналдо, што и дава дополнително значење на наградата.
Иако сега е најдобар во Европа, тој пред седум години бил на работ на смрт. Поранешниот тренер на Гронинген Дик Лукиен откри дека Вирџил имал озбилна инфекција на бубрегот поради која можел и да умре.
„Му се слоши по натпреварот со Екцелсиор. Во прв момент помисливме дека е тоа обична настинка, но покасно се утврди дека се работи за бактериска инфекција која му ги зафатила бубрезите. Беше болен, а не ја знаевме причината. Во болки неколку дена лежеше во својот дом. Во болницата не му пронајдоа ништо. Болката само се зголемуваше, а неговата мајка ја сфати озбилноста на ситуацијата и го однесе на дополнителни прегледи, по кои беше откриена вистинската причина. Бев шокиран. Кога се врати во тимот беше потполно слаб. За среќа успеа да се опорави“, изјави Лукиен.
Вирџил ван Дајк имаше одлична сезона во која успеа да ја освои Лигата на шампионите и европскиот Супер-куп, а беше на чекор од титулата и во англиската Премиер-лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА