Вирџил ван Дајк конечно постигна договор со Ливерпул за продолжување на соработката и се чека само на официјализација на потписот, како прв новогодишен подарок што управата на клубот го подготвува за своите навивачи.
„Црвените“ се наоѓаат во незгодна ситуација бидејќи ударното трио Ван Дајк – Салах – Александер Арнлд ќе влезат во последните шест месеци од договорите и веќе од 1 јануари можат да потпишат преддоговор со нов клуб за наредната сезона. Преговорите со тројцата течат веќе извесен период, а последните информации говорат дека Ван Дајк е првиот што постигнал целосен договор за да остане уште долго на „Енфилд“.
Новиот договор ќе биде со важност до јуни 2027 година, со што Холанѓанецот би минал повеќе од една деценија во клубот што за рекордни 75 милиони фунти го доведе од Саутемптон.
Англиските медиуми најавуваат дека многу блиску до нов договор е и Салах, а најбавно напредуваат преговорите со Александер Арнолд, пред се поради фактот дека сериозен интерес за десниот бек покажува и Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА