Вирџил ван Дајк со извонредните настапи во дресот на Ливерпул се наметна како еден од најдобрите светски дефанзивци, но славата воопшто не го менува скромниот Холанѓанец кога станува збор за неговиот карактер. Во интервју за ББЦ тој отворено говореше за почетоците на својата кариера, во кои бил принуден да работи и втора работа за да има доволно пари за да преживее.
„Немав пари, па во Гронинген одев со велосипед на тренинзи. Кога ја земав првата плата, со неа уплатив часови за да научам да возџам автомобил. Пред да го потпишам првиот договор, на свои 15-16 години заработував миејќи садови во ресторани до полноќ. Тоа беше единствен начин да дојдам до пари за да преживеам, тренирав секој понеделник, вторник и четврток, игравме натпревари во сабота, а среда и недела ми беа резервирани за работа во ресторан. Имав 350 евра месечни примања и бев среќен, можев да одам во Мекдоналдс за да ги почестам пријателите. Знам колку се важни парите, но мене никогаш не ми биле се во животот“ – се присетува Ван Дајк.
Во истото интервју тој искажа и разочарување од промените што ги носи „модерниот живот“.
„Гледам дека многу работи се менуваат, начинот на кои луѓето размислуваат… Влијанието на социјалните мрежи е неверојатно, жално е што го гледаме тоа – лажен живот што некои луѓе го живеат. Jас почитувам приватност, и кај мене и кај сите останати“ – истакнува асот на Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА